23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи – Сијарто: Да бидеме обединети за европската идеја

Mинистерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто, оствари работна посета на Република Северна Македонија на покана на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Следната година, во второто полугодие, Унгарија ќе претседава со ЕУ. Очекувам, како и досега, Унгарија силно и гласно да ја поддржи нашата евроинтеграција. Затоа треба сите да бидеме обединети за европската идеја и да обезбедиме дека по толку години чекање, нема повторно да се создаде застој во ЕУ-пристапниот процес во моментот кога тој реално добива забрзување поради геополитичките околности“, изјави Османи.

Од страна на министерот Сијарто беше пренесено цврстото уверување дека Унгарија ќе стави значаен фокус на ЕУ-проширувањето со државите од Западен Балкан за време на претстојното унгарско претседателство со Советот на ЕУ и ќе продолжи да биде еден од најгласните поддржувачи на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Унгарија е значаен политички и економски партнер на нашата земја, која е меѓу првите 10 најголеми трговски партнери и странски инвеститори во земјата, со нагорен тренд на трговската размена и континуиран суфицит на извозот од наша страна.

Поздравувајќи го нашето претседавање со ОБСЕ, унгарскиот министер за надворешни работи истакна дека Унгарија особено ги вреднува посветеноста и придонесот на Република Северна Македонија кон стабилноста и просперитетот на целиот ОБСЕ-регион.

На средбата беа разменети мислења и за соработката во рамките на НАТО, при што заемно беше констатирано дека дополнително ги зајакнуваме партнерските односи и заемната посветеност за надминување на безбедносните предизвици.