24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерството за одбрана распиша Конкурс за стипендирање на студенти за критични специјалности во Армијата

Министерството за одбрана го распиша Конкурсот за стипендирање на студенти за потребите на Армијата на Република Северна Македонија за студиската 2023/2024 година, со што уште еднаш се потврди заложбата на одбраната за поддршка на македонските студенти во области кои се критична специјалност за Армијата.

На Конкурсот кој трае 15 дена сметано од денеска, можат да се пријават редовни студенти од областите наведени во Конкурсот, од прва до шеста година на студии кои не се корисници на стипендија од други институции, установи или компании.

Во Конкурсот се наведени следните специјалности: систем инженери за информатичка технологија, систем инженери за база на податоци, инженер за ИТ безбедност, геопросторна поддршка (отсек геодезија или просторно планирање), геодезија, геотехничко инженерство, географско – информационен систем, метеорологија, доктор на медицина, РТГ техничар, конструкција, мотор и системи на воздухоплови (КМС), студиска програма: производно инженерство, инструменти, радиорадарска и електроопрема на воздухоплови (ИРЕ).

Стипендијата е во висина од определен процент од просечната плата во државата, односно изнесува од 30 проценти за студенти од прва година, до 80 проценти за студентите од шеста година на студии.

По завршувањето на студиите, студентите ќе бидат во работен однос во Министерството најмалку двојно повеќе од времето за кое добивале стипендија од Министерството и ќе имаат можност како дел од одбранбениот систем да ги прошират своите знаења и да ги искористат во развојот на македонската одбрана и Армија.