По вчерашниот инцидент во „Ист Гејт“ каде од страна на вооружен напаѓач беа ранети две лица, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека повеќе полициски тимови активно работат на случајот.
Одговарајќи на прашањето, дали по настанот граѓаните би можеле да се чуствуваат безбедни и сигурни, движејќи се по јавни простори, Спасовски рече:
„Што се однесува до инцидентот активно се работи и формиран е посебен штаб во СВР Скопје, приклучени се тука и од одделот за криминалистичка полиција, форензика, одделот за организиран криминал итн, сите заеднички прибираат податоци и докази заедно со Јавното обвинителство се со цел да се утврдат фактите и да може да се открие и сторителот но и мотивите што се во однос на овој настан“.
Спасовски со уверување дека видливоста на полицијата на терен ја зголемува безбедноста на граѓаните.
„Вакви изолирани инциденти се случуваат и ќе се случуваат. Очигледно е дека ќе треба да се донесе некаков правен пропис со кои би се задолжиле моловите или другите објекти да преземаат низа на мерки кои би значеле заштита и на граѓаните и на објектите. Тоа и претходно и сега е во размислување“, кажа Спасовски.
Според него станува збор за криминална пресметка и конфронтација меѓу криминалните групи, кои како што вели 30 години некој ги создавал.
„Сега им објавивме неселективна војна на тие криминални структури и тука нема да застанеме. Безбедноста на граѓаните и на градот е најважна“, вели тој.