Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Брисел оствари средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на која теми на разговор беа домашните актуелни политички настани, текот на скрининг процесот и очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот за 2023 година.
На средбата вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека за Владата членството во ЕУ останува клучен надворешнополитички приоритет и дека се прават сите напори Северна Македонија да остане во процесот на преговори и да напредува со другите држави од регионот.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на средбата го најави новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2023 година, за кој укажа дека во оваа фаза од процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ ќе ги постави многу повисоко целите, но и насоките во Патоказите за подобрување на резултатите во сите области.
На средбата бил даден осврт и на новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан, со кој соговорниците беа согласни дека е добра и силна порака за регионот дека мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата.
Плановите на ЕУ и посветеноста на европската перспектива на Западен Балкан според Маричиќ го прави за нас членството во ЕУ на дофатливо и реално и дека треба да го искористиме овој позитивен политички моментум, бидејќи според него ова е шанса која не знаеме кога и дали воопшто ќе ја имаме повторно.