Соопштение на Левица
„Најфреквентната железничка линија Скопје-Велес-Прилеп-Битола од среда ќе остане само со еден воз во денот од постоечките три. Менаџментот на МЖ-Транспорт не дава објаснување за причините за најновото укинување на овие патнички линии, а ниту министерот Бочварски е посебно загрижен.
Железничкиот патнички сообраќај во Македонија со години е во колапс. Во јануари беа укинати и линиите Скопје-Куманово-Табановце-Скопје. По укинувањето на овие линии, беше дадено образложение дека има недостаток на машиновозачи во МЖ-Транспорт, а во меѓувреме, во јуни 2023 година се вработија 40 машиновозачи на неопределено време. На ова укинување претходеше укинување на релациите Скопје-Кичево-Скопје и Скопје-Кочани-Скопје од мај 2021 година. Веќе неколку години нема воз и на релацијата од Скопје кон Белград и Солун.
Додека Србија гради современа железничка инфраструктура, македонската железничка структура буквално се распаѓа. Додека претпријатието трпи загуби од 4 до 6 милиони евра годишно, а железничарите молат за плата, менаџментот си определува безобразно високи плати. Македонските железници одбележаа јубилеј од 150 години со возови кои имаат просечна старост од 50 години, вагони без греење, стари и небезбедни пруги и долгови од над 30 милиони евра.
Корумпираната спрега СДС-ДУИ, наместо да работи на модернизирање на железницата што ќе овозможи брз транспорт како во повеќето европски држави, го запоставува и тоа малку што остана од македонската железничка инфраструктура и опрема. Левица повикува на одговорност од министерот поради колапсот на македонскиот железнички сообраќај!
Додека актуелната политичко-криминална и клиентелистичка власт декларативно се залага за поврзување со Европа, граѓаните се принудени да живеат во изолација поради катастрофалната сообраќајна инфраструктура“.