„Наставниците, на почетокот на месецов, ги примија новите септемвриски плати, покачени за 15 проценти. Во периодот од 2017 до 2022 тие добија неколку покачувања по пет проценти, во мај 2022 година по двонеделниот штрајк добија покачување од 15 проценти, а во јануари 2023 година добија покачување од плус 3 проценти, Вкупното покачување на платите на наставниците во периодот од 2017 година заклучно со септември оваа година е речиси 55 проценти“, вели за Градска.мк, професорката Петра Лукароска од средното стручно училиште „Ѓорче Петров“ во Прилеп.
Таа појасни дека ако еден наставник во основно образование во август оваа година имал почетна плата од 29.258 денари, во септември примил плата 33.511 денари.
„Раст има и кај професорите во средните училишта. Професор што за август имал почетна плата од 30.485 денари, во септември добил 34.926 денари. Зависно од стажот на наставниците, односно од степенот на сложеност, останатите плати се повисоки, а оние кај оние наставници и професори со поголем стаж платата надминува 40.000 денари“, потенцираше Лукароска.
Таа заклучи дека тоа е далеку поголемо зголемување, од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога за период од 11 години, платите во основното и средното образование биле зголемени само за четири проценти.