27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Само прашање на време беше кога ќе настрада човек: „Анима мунди“ за труењето со пестицидот во питата

Со години сведоци сме на злоупотреба на смртоносни отрови, нивно расфрлање по високофреквентни јавни површини (паркови, училишни дворови, детски игралишта; околу влезови и ресторани, повеќето со безбедносни камери, што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот) масовни труења животни со супстанции, кои за десетина минути, само по вдишување и на најлош можен начин убиваат животни што тежат и повеќе од 40 килограми, реагираат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ по информацијата за труењето на тричлено семејство од Скопје со пестицидот „ланате“, при што почина едно лице.

„Баравме истраги на терен и меѓуинституционална соработка, пред сѐ, од МВР, АХВ, општините, проверки во земјоделските аптеки, пазарите, секогаш подржани и од новинарите, кои темата ја третирале пред јавноста зашто нѐ засега сите“, велат од „Анима мунди“.

„Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но, од страна на институциите со прст не е помрднато, ниту една единствена мерка никогаш не била преземена, тука и таму некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на ПР, а најчесто само игнорирање и молк“, додават од таму.

„Вчера, цело семејство е жртва на стравотниот пестицид ‘ланате’, при што е почината млада жена и две лица се борат за животот. Најдлабоко жалиме за оваа стравотна трагедија и сочуствуваме со семејството“, велат од „Анима мунди“.