На 21 октомври, во организација на Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење Yes for Less и Јуроп хаус Скопје, ќе се одржи првиот базар на мали еколошки бизниси во Република Северна Македонија. Целта на настанот е запознавање со овие бизниси кои секојдневно придонесуваат кон одржливиот развој во нашата држава, промоција на еколошките алтернативи кои ги нудат во замена за стандардните производи кои секојдневно ги користиме, и со тоа подигнување на еколошката свест и позитивното влијание кои овие бизниси го имаат. ПОДДРЖИ еколошки алтернативи, ИНСПИРИРАЈ СЕ од истомисленици, ДОНЕСИ свесни куповни одлуки, е слоганот на овој настан и иницијатива
Локацијата на базарот е „Бистро Комедија“, Скопје, и истиот ќе трае од 12 до 16 ч.
– Ова не е само обичен базар, туку и можност за дружба и запознавање со еко заедницата која, освен поединци, вклучува и над 30 бизниси, од кои 20-ина ќе бидат присутни на базарот. Биоразградливи хулахопки, накит од рециклирана пластика, облека од втора рака и природни материјали, житни цевки за пијалаци, освежувачи за простории од кора од портокал се само дел од македонските иновативни и еколошки производи кои ќе може да ги најдете на базарот. Истите ќе бидат понудени од бизнисите Пура Перла, Игнеа, Еко восочни обвивки, KVembroidery, Mирјана Јосифоска, Април 22, О-круг, Креместаре, Уна, Candlenest, Bilkilife, Ellie Art, Ормарче, Органаутс, Втор живот, Натура тиби, Sunilens, Контура, итн., најавуваат организаторите.
Во склоп на целиот настан, освен базарот, за сопствениците на бизнисите ќе биде одржана и работилница на тема “Еколошки бизниси: комуникација и пристап до потрошувачите”. Одржувањето на оваа работилница е во склоп на 2023 како годината на вештините и октомври како месецот за поддршка на малите локални бизниси според програмата на Јуроп хаус Скопје. Предавач и водич е Игор Мишевски – претприемач, инвеститор, експерт за развој на пазарни системи и основач на Импакт Фондација, а целта на работилницата е сопствениците да ги подобрат продажните вештини со што би можеле да допрат до што повеќе луѓе, вклучувајќи ја и не толку еко-свесната публика.
Јуроп хаус Скопје ја поддржува мисијата на Yes for Less за креирање на мрежа на локални еколошки бизниси кои што на свој начин придонесуваат за одржливиот развој во државата, како и вмрежување на поединци, бизниси и организации со цел заедничко делување за заштита на животната средина. Еко заедницата која Yes for Less ја има изградено во последниве 3 години е главниот двигател на целата оваа приказна. Идејата на двете девојки Сара и Катерина е да се видат и научат добри примери и еколошки практики од европските држави каде тие моментално живеат, но да се адаптираат и имплементираат локално со што би се влијаело тимски и едукативно во нашата земја.
Изговорот дека еколошките алтернативи не постојат или е тешко да се најдат особено нема да важи наредната сабота. За екстра добра атмосфера ќе се погрижи и DJ Chvare.