24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Zdravstvo.gov.mk
МАКЕДОНИЈА

Меџити: Во мојот мандат нема да има поштедени и заштитени, не ми интересира кои се и од која партија

Министерот за здравство Фатмир Меџити попладнево во Собранието порача дека во неговиот мандат нема да бидат поштедени и заштитени неодговорните, непрофесионалните, независно од која политичка партија се. „Заштитени се и ќе бидат професионалните здравствени работници и пацентите“ – рече Меџити.

На прашањата од пратениците Меџити посочи дека откако ја презел функцијата министер за здравство се залага да направи системски промени за да се спречат, како што рече, секакви злоупотреби и криминал во здравството.

Тој истакна дека контрола на терапијата и без КАТО системот, кој во моменотот не е во функција има, а секој пациент ја добива потребната терапија. Новиот систем на работа на Клиниката кој е воведен со негово доаѓање превенира можни злоупотреби.

„Промените во менаџментот се случија на Клиниката и овозможија секој пациент да ја добива препишаната терапија, согласно индикација, доза, типот на лекот, без никаква манипулација со лековите. Секоја среда, во работна седмица, на седници за кои постојат записници, се разговара за секој пациент кој треба да почне со терапија, со било кој лек од т.н.условен буџет, како и со лековите кои се на позитивна листа. Ажурирани се клиничките протоколи, стручниот тим работи по ажурирани, обновени работни верзии, упатства за дијагноза, третман и за следење на пациентите со верифицирана малигна болест“ – рече Меџити пред пратениците.

Министерот посочи и дека анализите за тоа дали да се врати во употреба Като системот се завршени и одлучено е истиот да биде вратен во употреба.

„За КАТО-системот за дозирање и контрола на терапија која се дава на пациентите, кои се лекуваат на Онкологија, неколку месеци пред овој случај да излезе во јавноста, се правеа финансиски анализи дали КАТО-системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапија. Со новиот ребаланс на Буџет обезбедивме враќање на КАТО-системот кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина“ заврши Меџити