На почетоков на денов почна сериозен пожар на отворено меѓу Лозово и Велес, каде што гори претежно квалитетна борова шума, велат од ЦУК.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, при координацијата за гаснење на пожарот, даде насоки за упатување на еден хеликоптер од МВР за гаснење на таа локација, после ангажманот и дејството врз пожарот кај село Кондово, Скопско. Ангелов информираше дека истовремено при координацијата дал насоки за после 10.30 до околу 11.00 часот, да полетаат и двата противпожарни авиона „ер трактор“ од ДЗС.
Конкретно, Регионалниот ЦУК Велес, вели дека пожарникарите на ТППЕ Велес дејствуваат од вчера врз пожарот на отворен простор помеѓу селата Иванковци и Мамутчево во Општина Велес и кај село Милино во Општина Лозово. На терен дејствувале 17 пожарникари со четири противпожарни возила од ТППЕ Велес, од ЈП „Национални шуми“-подружница „Бабуна“ од Велес дејствува екипа од пет вработени со едно теренско возило, а од страната на Свети Николе дејствува една екипа од пет пожарникари со теренско возило од ТППЕ Св. Николе со тим од 4 вработени од ЈП „Национални шуми“ подружница „Шумарство“ од Свети Николе.
Поради временските услови, конкретно силен ветер, истиот се проширува и зафаќа делови од боровата шума во тој реон. Поради големината на пожарот и силниот ветер градоначалник на Општина Лозово, Бошко Цветковски, преку единствен број за итни повици 112 во ЦУК побара ангажирање на воздухоплови за гаснење на пожарот.