Интегрален текст од прес-конференцијата на Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ:
Успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ даваат резултати, економијата е отпорна во време на глобална криза.
Мерките за намалување и замрзнување на цените на основните прехранбени продукти со ‘гарантирана’, директно влијаеа за заштита на стандардот на народот но и за намалување на инфлацијата.
Потврда за тоа е намалувањето на инфлацијата на досега најниски 6.6%.
Со одлуката за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, создадовме солидна основа за уште да се намали инфлацијата и до 5 отсто до крајот на годината.
Не само преку повластените даночни стапки од 5%, стандардот на граѓаните дополнително системски ќе го заштитиме и унапредиме со Законот за нефер трговски практики.
Иако е глобална криза македонската економија расте и тој раст ќе продолжи.
Потврда за добрите економски мерки стигна и релевантна меѓународна финансиска институција.
ММФ ги подобри проекциите за македонската економија и предвидува стапка на раст од 2,5% годинава и 3,2% за 2024 година.
Проекциите на ММФ се дека растот на БДП во земјава ќе биде поголем од оној на Србија, Бугарија Словенија, како и за 1,8 проценти повисок во однос на просекот на ЕУ.
Македонија го задржа и кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед, потврдено во најновиот извештај на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“.
Постојаниот раст на платите во сите сектори, како и растот на пензиите очекувано е дополнително да влијае позитивно и на економскиот раст.
СДСМ, како одговорна партија продолжува со грижа за сите граѓани и заштита на животниот стандард, како и со мерки и чекори за поттикнување на економскиот раст.