23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Црна Гора и се заблагодари на Северна Македонија што им дозволи на црногорските граѓани да бидат на нивниот хуманитарен лет

Министерството за надворешни работи на Црна Гора преку објава на Х и се заблагодари на Северна Македонија што им дозволи на граѓаните од Црна Гора да бидат на нивниот хуманитарен лет.

Благодарност искажаа и до амбасадите на Црна Гора во Скопје и во Подгорица и Тел Авив за нивната посветеност во реализација на евакуацијата.

„Сојузници, партнери и пријатели“, завршува текстот на социјалните мрежи на Министерството за надворешни работи на Црна Гора.
За потсетување во текот на вчерашниот ден со чартер лет организиран и платен од страна на Владата на Република Северна Македонија, на релација Тел Авив – Скопје, успешно беа евакуирани сите државјани на Република Северна Македонија кои побарале помош да го напуштат Израел, и да се вратат во земјата.

Сите финансиски трошоци за превезувањето на евакуираните граѓани се покриени со резерви на Буџетот на Република Северна Македонија, согласно одлуката донесена на седница на Владата.

„Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со ‘Air Serbia’, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. Со оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата на Република Северна Македонија“ соопштија од Владата.

Чартер летот беше организиран на иницијатива на Владата и по напорите на премиерот Димитар Ковачевски во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ да се најде решение за предизвикот за обезбедување чартер лет за граѓаните од регионот.
Со авионот, освен преостанатите 67 македонски државјани, Владата на Северна Македонија излезе во пресрет и обезбеди трансфер и на седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.