Народното востание и епилогот потоа се нашиот симбол за победа, за успех, со сплотеност и единство. 11 Октомври, пред 82 години не беше само почеток на борбата за слобода, туку остана траен симбол дека заедништвото и сплотеноста се единствениот начин да се избориме за просперитетна иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во обраќањето на традиционалниот пикник по повод Денот на народното востание, 11 Октомври во Куманово.
Денеска се поклонуваме пред храброста, пред пожртвуваноста на сите борци, мажи, жени, млади кои храбро се жртвувале за слободата и светла иднина. На оние коишто дадоа многу и оние кои што дадоа сè. Оддаваме денеска почит на сите кои се вградија во темелите на македонската државност. Со поглед кон иднината, со верба и решителност за уште еден државнички успех, за уште една победа, потенцираше Ковачевски.
-Слободарскиот бајрак на борците од НОБ, на партизаните, ги сплоти сите кои сакаа слобода, правда и социјална еднаквост. Без разлика на вера, нација или друга припадност. И успеаја. Тоа е примерот кој треба да го следиме, тоа е аманетот којшто ни е оставен. Исполнувањето на тој аманет, на нашите државотворци од Илинден, АСНОМ, од НОБ, е нашата денешна борба. Борба за подобра, европска иднина на нашата убава татковина, на нашите вредни луѓе, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски денеска во Куманово.