26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Уште од првиот ден од доаѓањето на оваа Влада како еден од главните приоритети беше и се уште е економското зајакнување, создавање на конкурентнско окружување и поволна бизнис клима

„Уште од првиот ден од доаѓањето на оваа Влада како еден од главните приоритети беше и се уште е економското зајакнување, создавање на конкурентнско окружување и поволна бизнис клима, а во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на Инфо сесијата посветена на стопанствениците „Довербата расте“.

Тој потсети дека овој императив се случил во услови на големата светска економско-енергетска и инфлациска криза и дополни дека Владата зацртала дека мора да носиме мерки, за заштита на граѓаните од ценовниот шок и одржување на ликвидноста на компаниите како и одржување на нивниот инвестициски циклус.

„Паралелно работиме на среден и долг рок во консултација со деловната заедница и сите засегнати страни, а во насока на подобрување на вкупниот деловен амбиент, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, како и повеќе вработувања. И во услови на криза, најважно е инвестициите да не застанат, а вие сите кои сте тука присутни тоа најдобро го знаете“, потенцираше Ковачевски.

Тој заклучи дека Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони ева во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.