Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во Тирана, оствари средба со министерот за Европа на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лео Докерти, на маргините на министерскиот состанок во рамките на Берлинскиот процес.
Двајцата соговорници ги поздравија одличните билатерални односи, кои постојат меѓу двете партнерски земји, при што Османи се заблагодари за континуираната британска поддршка на демократскиот и економски развој на Северна Македонија и регионот.
Министерот брифира за европското досие на државата и процесот на уставните измени како неопходен чекор за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија.
„Новата геополитичка реалност вшприца нова динамика на евроинтегративните процеси на државите од регионот. Обединувањето на континентот во рамките на Унијата веќе не е само прашање на економска или политичка интеграција, туку безбедносно прашање. Оттука, мора да ја искористиме оваа еднократна шанса и да го исполниме преостанатиот политички услов за уставните амандмани и без натамошно одлагање да продолжиме кон отворање на Првиот кластер до крајот на 2023 година“, истакна Османи.
Докерти го повтори ставот на Обединетото Кралство дека продолжувањето на нашиот пристапен процес е инвестиција во стабилноста и просперитетот на државата, а ќе го зацврсти и кредибилитетот на Европската Унија.
На средбата беа разменети ставови за актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот и други актуелни меѓународни теми.
Османи во својство на претседавач со ОБСЕ информира за следните активности на Организацијата, како и за претстојните предизвици, кои бараат заеднички одговор.