23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Течат последните подготовки за аеромитингот, едрилицата „Илинденка“ подготвена да ги воодушеви граѓаните

Во тек се последните подготовки за аеромитингот по повод 100 години македонска авијација кој ќе се одржи во сабота на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје. Како точка која ќе го одбележи овој аеромитинг е изложбата на првата македонска едрилица „Илинденка“.

„Илинденка“ веќе пристигна во Скопје и се прават последните подготовки за нејзината изложба и презентација. Проектант и конструктор на едрилицата бил инженерот Мирослав Илиќ, а таа за прв пат е приозведена и тестирана во 1955 година. „Илинденка“ е изработена по принципот на дрвена конструкција со платнена обвивка и метални носечки и управувачки елементи.

Сега, „Илинденка“ е повторно во Скопје и подготвена да ги воодушеви љубителите на летањето во земјава на аеромитингот во сабота. Едрилицата станала светски позната по своето учество на Светското едриличарско првенство во Полска во 1958 година, како дел од репрезентацијата на Југославија, а во 1969 година летана од Павле Карушарев, член на аероклубот од Скопје, поставила македонски рекорд во траење од 9 часа и 8 минути.

Освен „Илинденка“ на аеромитингот утре, посетителите ќе може да уживаат и во акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот Лирџет 60, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.