21.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Германија: Поминаа годините кога државната каса беше полна

Германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер, неодамна во интервју за АРД јасно ја кажа целта на федералниот буџет за 2024 година: „Дефицитите се превисоки. Мерките воведени поради кризата го поттикнаа задолжувањето“, рече Линднер. Сега, смета тој, се работи за консолидација.

Линднер со предлог кој предвидува расходи во следната година од 445 милијарди евра, што е речиси 30 милијарди помалку од оваа година, но сепак за приближно 90 милијарди повеќе од 2019 година кога беше донесен последниот буџет пред коронавирусот.

Во наредната година би требало да штедат сите ресори, освен Министерството за одбрана. Денис Роде од владејачката Социјалдемократска партија и член на Комисијата за буџет на Бундестагот вели: „Ова е најпредизвикувачкиот буџет што сме го имале досега. За нас е важно на крајот да се зачуваат внатрешната, надворешната и социјалната сигурност. И тоа го гледам во овој буџет“, вели Роде.

Големи заштеди, според познавачите, се постигнуваат со намалување на буџетските средства за пензиско осигурување. Дополнително, оние со повисоки плати не треба да добиваат помош за време на бременост и породилно отсуство.

Но, има и барања за зголемување на расходите. Така, според предложеното, треба да се зголеми поддршката за оние граѓани што може да работат, а немаат работа и не добиваат пари за невработените.

Исто така, рестораните се борат против враќањето на целосниот ДДВ, што беше најавено за следната година. Одржувањето на намалената стапка на ДДВ би значело три милијарди евра помалку приходи во државната каса. Индустриите што трошат многу енергија бараат државна помош или даночни олеснувања за трошоците за електрична енергија. А тоа би ја чинело државата милијарди.

За сето ова, според аналитичарите, има малку простор поради одредбата за забрана за прекумерно задолжување. Забраната за прекумерно задолжување гарантира дека идните генерации нема да останат со преголем товар на камати, потсетува претставникот на владејачките либерали и експерт за буџет, Ото Фрике.

Но, од СПД, а особено од редовите на владејачките зелени, може да се слушне тврдењето дека се потребни инвестиции во иднина. Некои би сакале да ја вратат забраната за прекумерно задолжување тврдејќи дека се потребни повеќе пари за инфраструктура и заштита на животната средина.