23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Разговор со Николина Андова Шопова во Градската библиотека во Скопје

Утре (5 септември, вторник) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со псателката Николина Андов Шопова, авторка на романот „Естом“ – книга за месец септември во библиотеката. Разговорот е почеток на вториот циклус од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

Романот „Естом“ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат – подвлекува Владимир Јанковски.

Николина Андова Шопова/ @Nikolina Andova Shopova (1978, Скопје) е авторка на две поетски збирки „Влезот е од другата страна“ (2013) и „Поврзи ги точките“ (2014). Нејзината прва збирка поезија „Влезот е од другата страна“ ја доби престижната награда Мостови на Струга, награда што ја доделува УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата. Учесник е на бројни европски поетски фестивали, а нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици и е дел од неколку поетски антологии. Во 2019 година ја доби наградата „Роман на годината“ за нејзиниот прв роман „Некој бил тука“, награда што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Издавачката куќа Или-Или во 2020 година ја издаде нејзината книга за деца „Кртот Ѕвездан“, а две години подоцна, во 2022 година излезе и нејзиниот втор роман „Естом“.

Разговорот со Андова Шопова ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.

„Читаме современи македонски автори“ ги поддржува и промовира домашните автори, нивното творештво, македонското издаваштво и македонскиот јазик.

Кампањата е поддржана од Град Скопје и програмата “Скопје – кандидат за европска престолнина на културата 2028”.