Скопје, 30 август, 2023 – При користење огнено оружје, во зависност од муницијата и оружјето, се формира облак од неколку илјади до десетици илјади микроскопски честички кои се распространуваат во радиус до три метри. Овие траги од пукањето може да останат од два до четири часа на рацете, од седум до 12 часа на косата и до 24 часа на облеката на лицето кое го користело оружјето. Токму честичките, често пати се клучен доказ за тоа дали одредено лице вршело испалување од огнено оружје. Прецизноста и квалитетот на нивната детекција и анализа зависи од опремата што се користи за оваа намена.
Министерството за внатрешни работи во хемиската лабораторија на Одделот за форензички испитувања инсталираше современ скенирачки електронски микроскоп за анализа на траги од испукување (GSR честички). Станува збор за првиот специјализиран десктоп уред во светот за автоматизирана анализа на честички од пукање, кој за потребите на МВР го обезбеди Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
„Овој уред има огромно значење за работењето на нашата форензика и очекуваме во голема мера да придонесе за полесно, побрзо и поефикасно расчистување на случаите предизвикани од употреба на огнено оружје. Воведувањето нови и модерни технологии е еден од основните постулати во работењето на МВР и токму затоа сметам дека ова е исклучително важна новина за нас како институција, но и за нашите вработени кои ќе стекнат корисни вештини и знаења за анализа на честички при пукање со огнено оружје“, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Опремата, чија вредност изнесува над 10,5 милиони денари, е набавена во рамки на проектот „Подобрување на практиките за собирање податоци за мало и лесно оружје (МЛО) и истраги поврзани со МЛО“, кој го имплементира УНДП.
„УНДП веќе четири години посветено работи на зголемување на капацитетите на МВР за борба против злоупотребите на оружје, како една од најчестите причини за инциденти во државата. Донацијата на оваа опрема е само еден сегмент од нашата поддршка на министерството. Полицијата добива нова и ефикасна алатка во борбата против нелегалната употреба на мало и лесно оружје и се надевам дека тоа ќе придонесе за унапредување на безбедноста на граѓаните“, истакна Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.
Набавката на специјализираниот микроскоп е финансирана од владите на СР Германија, Шведска, Франција, Обединетото Кралство, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд на Обединетите нации за имплементација на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, кој е поддржан од Европската Унија.
УНДП во рамки на овој Патоказ, во изминатиот период ги поддржа креирањето нов Полициски информациски систем и надградбата на Електронскиот регистар за оружје, а организираше и специјализирани обуки за над 500 полициски службеници. Дополнително, минатата година, во партнерство со МВР ја спроведе кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“, наменета за подигнување на јавната свест за опасностите што произлегуваат од носењето и злоупотребата на мало и лесно оружје.