16. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царината: Одземени над 17 тони тутун во лист и товарно возило со полуприколка откога возач од Србија се обидел да ја скрие пломбата

Со одлука на суд одземени се 17,7 тони тутун во лист, товарно моторно возило влекач и полуприколка во вкупна вредност од 7 милиони денари откога возач на товарно моторно возило на пат од Република Грција до Република Северна Македонија се обидел оштетувањата на царинското обележје – сајла со пломба – да ги прикрие со изолир-лента и за тоа не ги известил царинските органи. Оштетувањата на царинските обележја создале услови за отворање на возилото, во кое била сместена стоката, при што постои можност за нејзино вадење или ставање друга стока во возилото при премин на гранична царинска линија, со што се прекршува царинската регулатива.

Имено, во саботата, 26 август, на граничниот премин Богородица на влез во државава се пријавило товарно моторно возило со српски регистарски таблички управувано од српски државјанин. Царински инспектори од Одделението за оперативни работи го селектирале на детален преглед, при што се детектирани оштетувањата на царинските обележја – сајла со пломба.

Возачот се обидел оштетувањата да ги прикрие со изолир-лента и за тоа не ги известил ниту македонските царински органи на влез во државата ниту грчките царински органи што требало да ги повика во моментот кога настанала штетата, со оглед на тоа што му била ставена грчка царинска пломба.

По поднесена пријава до надлежниот суд, тој донесе одлука за одземање тутун во лист во вредност од 5,7 милиони денари поради прекршување на член 267 од царинскиот закон, како и одлука за одземање товарно моторно возило влекач во вредност од 806.191 денар и полуприколка во вредност од 492.512 денари поради прекршување на член 269 од царинскиот закон.

Против возачот е поведена прекршочна постапка, а одземениот тутун, возилото влекач и приколката ќе ѝ бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.