Нашата земја се искачи на 22 место во светот по извезеното вино, а нам 13 според вредноста на извозот во долари минатата година, се пофали денес министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Тој најави дека во владина процедура е и нова стратегија за развој на винарството и винската индустрија кај нас, како и дека во подготовка е новиот закон за вино кој ќе ги имплементира сите европски директиви. Во земјава, како што истакна има околу 250 регистрирани винарници што е значително повеќе од пред неколку години кога имало 30-40.
Исто така, како што посочи, радува што со побрзо темпо се зголемува вредноста на извезеното вино, во однос на количините, што се должи на порастот на извоз на вино во шишиња.
„Според последното рангирање на меѓународната организација за вино од Париз, Македонија е на 22 место во светот по производство на вино. Но, во исто време стигнаа и нови податоци, според Ворлд топ експорт, анализите, каде македонското вино, по извоз се искачи на 13 место во светот по вредноста на извозот во долари во 2022 година“, рече Николовски.
Тој истакна дека ова е нашата најголема национална гордост и резултат за сите мерки и политики кои што беа преземени во претходниот период.
„Ова се одлични резултати за една мала земја каква што е Македонија која се натпреварува со далеку поголеми земји. Ние во 2022 година сме оствариле девизен прилив во вредност од речиси 60 милиони долари, со што станавме 13 земја во светот по извоз на вино“, рече Николовски.
Анализа направена во Министерството за земјоделство покажа дека во годините наназад сме успеале да го одржиме производството, површините со лозови насади, но притоа драстично да се зголеми вредноста на извезеното вино, особено во шишиња.
„На пример во 2021 година 2022 година сме извезле отприлика иста количина на вино, но во 2021 имаме девизен прилив од околу 50 милиони долари, а лани за 10 милиони поголем девизен прилив, што значи за 10 милиони долари зголемена вредност на извозот“, рече Николовски.
Тоа, како што додаде, се должи пред се на зголемениот квалитет на македонското вино и на зголемениот извоз на вино во шишиња, како и на многуте нови брендови кои што ги освојуваат светските пазари и во тој правец треба да се продолжи.
„Да го зголемуваме квалитетот на произведеното винско грозје за да имаме уште поквалитетни и препознаени македонски вина“, рече Николовски.
Истите анализи покажуваат дека за изминатите седум години, односно за седум реколти, од 2016 година до 2022 година за лозарите, за винариите и за целиот сектор државата обезбедила и исплатила 90 милиони евра по различни основи, програми и мерки, а само во една година се вратени назад во буџетската каса две третини од тој износ кој што бил вложен во седум години.
„Тоа значи дека Северна Македонија станува препознатлива по вино и дека на оваа основа се развива и нашата македонска економија“, рече Николовски, според кого винскиот сектор доживува револуционерен развој.
„Ние денеска зборуваме за над 250 регистрирани винарии, а само пред неколку години имавме 30-40“, рече министерот за земјоделство, додавајќи дека „денеска не сме невидливи во топ глобален вински свет, напротив силно зрачиме“, како и дека „ова е нешто што е национална гордост“.
Министерот Николовски исто така најави дека годинава ќе се донесе нова десетгодишна национална стратегија за уште поголем развој на секторот, таа е изготвена и е во владина процедура и има точно индикатори што се сака да се постигне. Тој очекува до крајот на годинава да се изгласа и новиот закон за вино кој што влезе во владина процедура и е целосно усогласен закон со сите директиви и регулативи во Европската унија.
Николовски се осврна и на реализација на ИПАРД 2 програмата, каде што има инвестиции кои во најголем дел се во винската индустрија. Тој ова го кажа за време на посетата на Винаријата „Камник“, каде што, како што посочи, 80 отсто од опремата била набавена преку ИПАРД 2 програмата.
Одговарајќи на прашања на новинарите, Николовски рече дека по извозот на вино ја надминавме и Грција.
„До сега бевме втори во регионот, а 29 во светот, тоа беа претходните податоци, а според најновите анализи за извозот во долари сме на 13 место. Се отвораат не само можностите во Балканот каде што се извезува нашето вино, туку се отворија и многу други пазари, како што е Канада, Америка, Бразил, нашиот настап во Чикаго на еден од најголемите светски саеми отвора нови можности, во следните 12 месеци да дојдат 300 познавачи на винарии, критичари, дистрибутери. Сега се работи на препознатливост на виното. Сите велат дека имаме едно од најквалитетните вина, а сега треба да работиме на препознатливост на македонското вино, и на зголемување на вредноста на светските пазари, а секако дека нашата застапеност е секаде на Балканот, но и пошироко“, рече Николовски.
извор Градска.мк