Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги го осудува вчерашниот вербален и физички напад врз снимателот и новинарките на ТВ „Алсат-М“, како и упатените закани кон нив за време на снимањето инсерти во Скопската чаршија.
„Сите видови напади врз медиумските работници се апсолутно неприфатливи и во ниту еден момент нивната безбедност не смее да биде доведена во прашање. Заканите за живот претставуваат сериозно дело и оние што го прекршуваат законот треба да бидат соодветно санкционирани со цел да се превенираат вакви и слични дела во иднина“, велат од АВМУ.
Како и во повеќе наврати досега, Агенцијата посочува дека е неопходно да се овозможат услови за безбедно и професионално извршување на работните задачи на претставниците на медиумите.