Велемајсторот Звонко Станојоски е прогласен за победник на Вториот меморијален турнир „Венци Попов“ во Гевгелија, при што тројца шахисти со по 7,5 бода од 9 партии го запоседнаа врвот, но играчот на ШК Алкалоид имаше најдобар „тај-брејк“ параметар.
Станојоски е актуелен државен првак на Македонија и го заврши настапот без пораз, односно со шест победи и три реми.
Второто место му припадна на ИМ Никола Николовски, додека третопласиран е бугарскиот ветеран, ИМ Сашо Николов. Зад нив на табелата има уште една група од тројца шахисти со по 7 бода, која ја предводи ИМ Тони Лазов, исто така од ШК Алкалоид.
Беа доделени и специјални признанија за најдобро пласиран младинец, најдобра шахистка и најдобро рангиран играч од Гевгелија.
Ова е второ издание на овој меморијален турнир, во чест на ФМ Венци Попов, а во организација на ШК 7 ноември и семејството Попови.
Вкупно настапија 132 шахисти, а се играше според правилата за забрзано шаховско темпо (рапид), односно 10 минути за секој играч плус бонификација од 5 секунди за секој потег.
извор Дерби