24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(ВИДЕО) Што кажа Ковачевски пред пратениците и беше во право: Бевме заедно со Хрватска, не смееме да заостанеме и зад Србија и Албанија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на пленарната седница во Собранието на Република Северна Македонија, на којашто точка на дневниот ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија.

Тој рече дека ја презема обврската и одговорноста Предгот да го елаборира пред пратениците и пред целокупната македонска јавност и сите граѓани да бидат целосно запознаени со потребата, причините и конкретната содржина на Предлогот за измена и дополна на Уставот.

„Во 1991-ва година, граѓаните дефинираа дека интеграцијата во Европската Унија е највисок државен приоритет. Дали е нешто променето денес во 2023-тата година? За мене и за огромното мнозинство граѓани, НЕ, не е променето! И тогаш и сега, влезот во Европската Унија беше, е и ќе биде најдобриот државен, интеграциски, интер-етнички, меѓу-генерациски, економски, правен и политички процес“, рече Ковачевски.

„Бидејќи, тоа што сме денес е длабоко вкоренето во државно-правните традиции на Крушевската Република, како и со правните одлуки што се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, во првиот Устав на Република Македонија од 1991-та година, како и со амандманите на Уставот, кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор во 2001-та година“, рече Ковачевски и истакна дека Предлогот за дополнување на Уставот има само една единствена релација и мотив. Тоа е влезот во Европската Унија. Тоа што го бара и го очекува огромното мнозинство граѓани во државата!

За само една година, поддршката за нас драстично се зголеми!

-Македонскиот јазик се говори и пишува во Брисел;

-Поддршката за нашиот вековен идентитет се случи и во Берлин, и во Вашингтон, во сите најважни европски престолнини! За прв пат се потпиша Договор на македонски јазик со Европската Унија, конкретно Фронтекс!

-Никој не нѐ асимилира, не нѐ загрози, не нѐ нападна!

-Предложените интервенции во Уставот се однесуваат единствено на додавање делови од народи во Преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи кои живеат во нашата држава.

-Промената ќе биде во делот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.

Премиерот истакна дека до 2006-та бевме рамо до рамо со Хрватска. Денес таа е членка на ЕУ, во Шенген и го воведе Еврото, со паметна политика и паметни политичари. За жал минатата деценија, политичарите кои ја водеа државата создадоа заробена држава и ги заробија граѓаните во нашата држава која не мрдна ниту еден милиметар во европските интеграции, а започна на истиот ден со Хрватска.

„Ако тогаш, тие нѐ заостанаа зад Хрватска, денес не смееме да заостанеме ни милиметар, зад Србија, Албанија кои движат напред! Времето минува немилосрдно, а генерациите сакаат резултати сега! За младите да не ни заминуваат токму во Европската Унија туку да останат дома! Бидејќи, почитувани граѓани и пратеници, младите не се иселуваат заради Уставот и сегашната или утрешната верзија на двата члена. Не! Тие не стануваат и заспиваат со Уставот, туку со единствената и нормална човечка потреба да живеат дома, нормално, побогато и мирно! Да живеат европски, како нивните врсници во европските градови и села“, истакна Ковачевски.

извор Бриф