Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање денес од Пелинце повика на сплотеност за почетокот на преговорите до ЕУ.
„Од АСНОМ па до денес, се потврдува една вистина: тешко е да се дојде до слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Вистинската слобода зависи од владеење на правото и социјалната правда, од поредок во кој правата на едните нема да бидат на сметка на правата на другите“, рече Пендаросвки.
Тој истакна дека ни се потребни европски реформи, а најбрз и најсигурен начин за суштински реформи, без бирократски импровизации и партиски и бизнис-махинации се преговорите за членство во Европската Унија.
„Европската интеграција е незаменлив катализатор за длабока трансформација на секоја општествена сфера. Интеграцијата ќе ни помогне да изградиме функционална правна држава со независен и ефикасен судски систем како предуслов за економски раст и одржлив развој. Преговорите ќе ни помогнат да ја направиме корупцијата помалку општествено прифатлива, а културата на неказнивост да ја замениме со култура на одговорност и личен, морален интегритет“, рече Пендаровски.
Тој тврди дека добра алтернатива за европските реформи – не постои. Надворешните пречки, вели Пендаровски, не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државата и да се вклучат во изградбата на европска Македонија.
„Затоа, без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно почнување на преговорите, во спротивно ќе го изгубиме виталниот дел од општеството“, рече Пендаровски.
Во обраќањето додаде и дека денес, на ден Илинден, сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903-та, АСНОМ-ската од 1944 и независната од 1991 година, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска.
Пендаровски во голем дел од обраќањето се осврна на младите луѓе и нивното иселување од државата.