Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Кшиштоф Гжелчик, новоименуваниот амбасадор на Република Полска во земјата.
Премиерот Ковачевски му посака добредојде и успешен мандат на амбасадорот Гжелчик и нагласи дека годинешното одбележување 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Полска јасно ги одразува големото пријателство и меѓусебната соработка, што е во фаза на унапредување.
На средбата е оценето дека македонско-полските односи се цврсто поставени на позитивен развоен колосек, Полска е 12-ти трговски партнер на Северна Македонија и ја продлабочуваме економската соработка со потенцијали и во енергетскиот сектор, земјоделството, полицијата, образованието и културата.
„Полска е наш важен партнер во НАТО, ОН и еден од најгласните поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ. Го цениме активизмот на Полска преку пријателите на групата за проширување на ЕУ и сме благодарни за континуираната полска поддршка за досието на Северна Македонија во ЕУ. Тоа што Полска стои зад европските интеграции на нашата држава, со разбирање и почитување на македонските стратешки и идентитетски позиции и цели, е дополнителен ветар во грбот да продолжиме по европскиот пат до полноправното членство“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е нагласена силната поддршка од Полска за претстојниот чекор во евроинтеграциите со цел забрзан интегративен процес и полноправно членство на Северна Македонија во Унијата во следните неколку години.
Искажано е јасно очекување дека сите политички субјекти во нашата држава го препознаваат неповторливиот момент за постигнување на европската цел и дека пратениците во парламентот ќе дадат глас за Европа. Особено што треба да се има предвид дека Европската Унија повеќе од кога било е посветена на ново проширување со земјите од Западен Балкан, поттикната од геополитичките случувања со војната во Украина.