16. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Натамошен раст на плаќањата со платежни картички и електронски кредитни трансфери

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за првиот квартал од 2023 година.

Податоците покажуваат тренд на натамошна засилена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од страна на граѓаните, како при употребата на платежните картички така и при употребата на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери или т.н. платни налози.

Имено, во првиот квартал од 2023 година годишниот раст на употребата на платежни картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните изнесува 14,7 % кај бројот и солидни 12 % кај вредноста на овие трансакции. Притоа значителен годишен раст од 16,8 % е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, при засилен раст на плаќањата на физичките места на продажба од 17,4 %, но и солиден раст од 11,1 % на плаќањата на виртуелните (интернет) продажни места, велат од Народната банка.

Годишен раст е забележан и кај плаќањата на граѓаните со платни налози, како кај бројот на платежните трансакции (6,1 %) така и кај вредноста на остварените трансакции (3,1 %), при натамошна зголемена употреба на електронското банкарство за иницирање на овие плаќања. Така, бројот на електронски иницираните платни налози во првиот квартал од 2023 година бележи раст од 14,5 % на годишна основа, што е двојно повеќе од годишниот раст во првиот квартал од 2022 година (7,1 %). Притоа граѓаните, особено ги користеле апликациите на мобилните телефони, со кои извршиле над една половина од вкупниот број електронски иницирани платни налози. За одбележување е дека бројот на платежните трансакции извршени преку мобилен телефон постојано расте и во првиот квартал од оваа година е поголем 23,8 % од бројот на овие трансакции во истиот период од 2022 година. Истовремено, годишен раст, но не толку силен, од 3,5 % е забележан и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата, наведува НБ.

Податоците од доменот на платежната статистика за првиот квартал од 2023 година, кои покрај изнесените податоци за платежните трансакции на граѓаните во земјата содржат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата, се достапни на следнава врска.