Во одговор на писмо упатено на 21 јули 2021 година од Европската слободна алијанса (ЕФА) до Европската комисија, за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, на 3 ноември 2021 г. беше добиен одговор, во кој македонското малцинство во Бугарија беше преименувано во „северомакедонско“ малцинство и прашањето неосновано беше поставено во врска со договорот за добрососедство на Бугарија со Македонија, иако во случајов станува збор за негирани права на европски граѓани, информираат од ОМО „Илинден“-Пирин, во објава на социјалните мрежи.
„ОМО „Илинден“ – ПИРИН и ЕФА реагираа на овој обид да се преименува македонското малцинство во Бугарија, уште повеќе што и други институции во Брисел покажаа слични тенденции, иако последните не толку отворено. На упатеното писмо со реакција од наша страна – не беше добиен одговор. Затоа ЕФА се обрати до Европскиот омбудсман и побара извинување од Европската комисија во името на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.
Последната реакција имаше ефект и на 16 јуни 2023 ггодина, раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување, при што на двапати правилно – почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија – ја именува нашата заедница како: „Macedonian minority in Bulgaria“, се истакнува во објавата.
Ова е веројатно прв пат, додаваат во напишаното, институција на Европската унија да го прифати и признае очигледниот факт на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, наспроти обидите на Бугарија да го негира нашето постоење.
„ОМО „Илинден“ – ПИРИН ја продолжува и понатаму својата борба за признавање и непречено ползување на човековите и малцински права на Македонците во Бугарија“, потенцираат во написот на социјалните мрежи.