25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски: За 30% ги покачивме платите на вработените кои директно се борат против сајбер нападите и хибридните закани

Темата за критичната инфраструктура треба да биде приоритет, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во Телма телевизија. Тој кажа дека недоволно и малку било посветувано време на сајбер безбедноста, но тоа е сега прашање на сите земји од регионот и пошироко во ЕУ.

-До пред пет години ретко кога на било која министерска конференција зборувавме за сајбер безбедност, а сега нема таква конференција на која не се опфаќаат стратегиите за сајбер безбедноста. Со САД и со ЕУ, како дел од процесот на пристапување, но и во билатералната соработка еден од приоритетите секако е сајбер безбедноста. Тоа се предизвици кои ќе ги има на долг рок на светско ниво, исто како и тероризмот и организираниот криминал. Треба да се разгледа предвидливоста на заканите, кажа Спасовски.

Тој кажа дека важно е да се заштитат институциите и критичната инфраструктура.

-Сајбер нападите и хибридните војни можат да бидат поразорни и од традиционалните војни. Не ја перцепцираме заканата како обични луѓе, но таа може сериозно да го наруши секојдневниот живот, истакна министерот.

Според него критичната инфраструктура мора да биде заштитена и затоа се изготвува и закон.

-Тоа е и обврска од процесот на пристапување кон ЕУ. Да изградиме мехнизми на заштита на критичната инфраструктура и Министерството за одбрана го подготвува Законот и е важно преку тој закон да се дефинира што претставува критична инфраструктура и кој е нејзиниот обем, кажа Спасовски.

Тој потенцира дека мора да се поддржат луѓето што ќе не заштитат во овој дел.

-Затоа мора да вложуваме многу повеќе. Луѓето кои се стручни и компетентни во институциите треба да бидат добро платени за да останат во институциите и да имаат мотивација да делуваат во овие институции. Лани заедно со Македонскиот полициски синдикат донесовме одлука овие луѓе да имаат за 30% повисоки плати, од информатичкиот сектор и од дигитална форензика, истакна Спасовски.