Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес одржа конференција за медиумите по повод 20 годишнината на Солунскиот самит, кога Европската Унија и Западниот Балкан зацртаа јасна цел за интеграција на целиот регион во Унијата. Според Османи, 20 години по изјавата дека “иднината на Балканот е внатре во Европската Унија“ државите чекореа напред кон европеизација, меѓутоа само Хрватска е членка, што претставува недоволен и разочарувачки резултат за граѓаните.
“Имаме над 40% усогласеност на нашето законодавство со европското, што овозможува подлабока институционална соработка, а достигнавме и 100% усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Иако сѐ уште не сме целосно интегрирани во заедничкиот пазар, имаме силно трговско и економско поврзување и нашите стоки и услуги одамна се дел од европскиот пазар, а европските компании се најголемите странски инвеститори во земјава. Имаме висок степен на мобилност преку активната студентска размена – Еразмус+, а граѓаните исто така одамна ја имаат придобивката слободно да патуваат во земјите на ЕУ заради безвизниот режим”, рече Османи .
Меѓутоа, според Османи, најголемиот проблем во изминатите 20 години е зголемениот јаз по однос на економската конвергенција помеѓу нас и земјите членки на ЕУ, кој наместо да се намалува, постојано се зголемува. Министерот истакна дека прифатливо и времено решение е т.н. иницијатива за повеќе интеграција пред самото формално членство за земјите од Западен Балкан, со цел постепен пристап и учество на земјите кандидати во соодветните ЕУ политики, формати и фондови.
“Членството во Унијата е крајната цел, но мора да има повеќе интеграција на овој пат, како што напредуваме во процесот на прситпаување и исполнуваме критериуми. Само ова ќе доведе до кредибилитет на процесот и вреди да се промовира на 20-годишнината од Солунскиот самит” рече Османи, истакнувајќи дека од Брисел е добиен позитивен одговор за истата.