Повеќе интеграција на Северна Македонија, пред членство во Европската Унија. Иницијатива која уште пред неколку месеци ја започна да ја промовира министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска доби поддршка од поранешниот претседател на државата и премиер Бранко Црвенковски. Министерот Османи, оваа иницијатива од пред неколку месеци ја застапува и во земјава како и за време на неговите работни посети во странство. Иницијативата на министерот за која се залага е:
„Северна Македонија напред кон Европа со повеќе интеграција долж патот до полноправно членство во ЕУ“.
Шефот на дипломатијата, говорејќи за предизвиците на нашата земја кои и претстојат на патот кон членство во ЕУ до 2030 година, во повеќе наврати има истакнато дека е потребно на Северна Македонија да и се даде шанса да се приближи кон ЕУ преку конкретни краткорочни мерки, за време на процесот на пристапување. Според Османи, тоа ќе ја зголеми и довербата на граѓаните дека земјата ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Османи смета дека успешниот тек на скрининг процесот на европското законодавство, ја реафирмира посветеноста на нашата земја кон зајакнување на функционирањето на демократските институции и на владеењето на правото, како области од клучно значење за натамошниот тек на преговорите,а тоа му, според Османи, дава поголема кредибилност на процесот, подразбирајќи повеќе интеграција пред членството.
Дека на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан им треба интеграција пред членство во ЕУ, денеска говореше и Црвенковски. На настанот во присуство на Советот на амбасадори, Црвенковски иако ја најави како негова нова иницијатива, всушност даде поддршка за она што веќе се залага министерот Османи.
И Црвенковски е согласен дека земјите од регионот со поголема интеграција, би ги подобриле своите економски перформанси, а со тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Од друга страна, ЕУ би го зајакнала својот кредибилитет, како и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.