Барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се донесат, но да бидат со одложено дејство и да важат кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, според претседателот Стево Пендаровски, е апсолутно нереално. Тој вели дека и тој би сакал такво нешто, но дека заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни: „Морате да направите уставни промени до крајот на скрининг-процесот за да продолжите со втората конференција и отворањето на кластерите“, објасни Пендаровски.
„Во тие заклучоци е вграден и ставот на Бугарија“, вели Пендаровски.
„Треба да имаме нови заклучоци на Советот на Европа, а знаете колку е тешко тоа, за да биде можно да ги усвоиме уставните измени со одложено дејство. Тоа е нереално. Се надевам дека тоа не се користи како изговор за да не се влезе во уставните промени. Бев изненаден кога чув дека главната опозициска партија е подготвена да биде дел од Владата со пет ресори и да гласа од позиција на владејачка партија. За уставни промени може да гласате и од позиција на опозиција“, рече Пендаровски.
Тој вели дека Македонија нема да успее да ги направи промените на Уставот до почнување на настанот „Брдо – Бриони“, кој годинава се одржува во Македонија.