25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Постојат реални основи за враќање на евтината тарифа на струјата, тоа е големо олеснување на семејниот буџет

„Постојат реални основи граѓаните од 1 јули повторно во своите домови да користат евтина струја во одреден временски интервал од 2 или 3 часа во текот на денот, во период кога имаат најголема потреба за задоволување на домашните потреби за струја, што ќе значи големо олеснување на семејниот буџет преку намалување на сметките за струја“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за „Цивил“.

Тој рече дека ова е возможно откако цените на електричната енергија како на регионално така и на локално ниво во изминативе месеци се стабилизираа.

„Од друга страна енормното зголемување на инсталирани фотоволтаични централи, како во нашата држава, така и во регионот, креира вишоци на произведена електрична енергија во периодот од пладне во наредните неколку часа што може да се увиди ако подетално се анализираат цените на електричната енергија на регионалната HUPX, или на домашната берза на електрична енергија МЕМО кога во одредени денови во овој временски интервал има и негативна цена на електричната енергија“ рече Битиќи.

Вицепремиерот истакна дека додека опозицијата најавуваше дека цената на струјата ќе се зголемува и ќе имаме рестрикции, Владата успеа од октомври 2022 до март 2023 да го зголеми домашното производство за 45 отсто и да обезбеди сигурно и непрекинато снабдување со електрична енергија за сите граѓани.

„Ние како држава пред кризата увезувавме околу 30% од нашите потреби за електрична енергија, а сега со елдорадото во инвестирање во фотоволтаични и други извори на енергија увезуваме само 11% од вкупните наши потреби за електрична енергија“ рече Битиќи.