25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Системот за социјална заштита обезбедува поддршка за бездомните лица

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се обрати на научно-стручната расправа за научноистражувачката студија, која ја изготви истражувачки тим во рамките на проектот „Патеки на бездомните лица: пред и за време на бездомништвото“. Научно-стручната расправа е во организација на Факултетот за безбедност – Скопје.

„Појавата на бездомништвото во Република Северна Македонија е присутна веќе подолго време. Застапена е во урбаните средини и е карактеристична за популацијата од сите возрасни и етнички заедници, како што покажува и вашето научно истражување поврзано со бездомништвото. Без оглед на причините што ги довеле до состојба да немаат дом, за сите нив заедничко е тоа што немаат услови за адекватно и соодветно домување, немаат сопствени извори на приходи, со кои би си овозможиле минимум егзистенција, делумно или целосно ги имаат прекинато врските со семејната и социјалната средина и живеејќи како бездомници, изложени се на многубројни ризици врз сопственото здравје и живот“, истакна Тренчевска.

Министерката рече дека бездомништвото е комплексен проблем, кој бара пристап од повеќе аспекти. Таа посочи дека останува потребата од поголема вклученост и координација на сите сектори во насока на надминување на проблемите со кои се соочува оваа категорија лица.

„Системот на социјалната заштита обезбедува поддршка за бездомните лица преку обезбедување на потребната документација за остварување парични права од социјална заштита, како и привремено сместување во центар за бездомни лица, меѓутоа секако дека тие мерки не се доволни за излегување во пресрет на проблемите со кои се соочуваат бездомните лица“, рече таа.

Посочи дека и поголемата активност на општините е од особена важност затоа што на тој начин социјалните услуги можае да се доближат до граѓаните на локално ниво.

Министерката се осврна и на социјалните претпријатија и истакна дека Министерството е во процес на изготвување закон за социјални претпријатија, во кој учество имаат сите релевантни институции и граѓанскиот сектор и таа посочи дека во овој предлог-закон се препознаваат и социјални претпријатија за социјална реинтеграција и работно ангажирање.

„Преку законот за социјални претпријатија ќе се почне со активности насочени кон подобрување или стекнување нови квалификации, компетенции, знаења и вештини на лицата во ризик од социјална исклученост, преку обука и работа, со цел полесен пристап до пазарот на труд, работејќи на полето на социјално работно ангажирање и социјални претпријатија за работна интеграција, чија примарна цел е со вклучување во работен процес да ги интегрираат лицата во ризик од социјална исклученост на пазарот на трудот“, дополни Тренчевска.

Истакна дека заложбите за унапредување на животот на лицата бездомници и понатаму продолжува.