25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

РКЕ: Подготвен е сет од сајбер-безбедносни правила за намалување на ризиците при снабдување со електрична енергија

Со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето и да се намалат ризиците од нарушување на континуираното снабдување со електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе правила за сајбер-безбедност.

Новата регулатива за сајбер-безбедност се воспоставува како стандард за енергетски компании од електроенергетскиот сектор и е изработена во соработка со NARUC (National Association of Regulatory Utility Commissioners) и УСАИД.

„Сведоци сме дека информатичката инфраструктура, која е од витално значење за функционирање на една држава и која се дефинира како критична инфраструктура, е често цел на сајбер-напади. Енергетската инфраструктура изобилува со податоци од кои зависи доверливото функционирање на енергетските пазари, а РКЕ има стратешка улога да обезбеди добро функционирање на националните енергетски пазари. Сајбер-отпорноста и сајбер-безбедноста не се проблем само за ИТ, тоа е и безбедносно прашање, но, пред сѐ, е и регулаторно. Затоа подготвивме правила и препораки, кои треба да ги следат и спроведат енергетските компании со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето, заштита на учесниците на пазарот и потрошувачите и зајакната ефикасност, конкурентност и транспарентност на енергетските пазари“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Во сетот сајбер-безбедносни правила донесена е и листа на препораки за електроенергетските компании, кои треба да се спроведат од МЕПСО и од „Електродистрибуција“, како и од производителите на електрична енергија, кои управуваат со електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност еднаква или поголема од 200 MW (ЕЛЕМ, ТЕ-ТО). Операторите и производителите се должни да назначат службеник за сајбер-безбедност и да дадат приоритет на мерки за заштита на критичната инфраструктура за која ќе има соодветна процедура за следење, известувања и справување со сајбер-напади.