25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Кутиров во Брисел: Царинската управа една од клучните алки во процесот на пристапување во ЕУ

Царинската управа со поддршка на Владата, пристапи со целосна посветеност на процесот за интеграција на нашата држава во ЕУ, преземајќи сет активности за заштита на општеството, и за олеснување на трговијата и подобрување на услугите кон економските оператори, со што ќе се постават основите за функционирање на единствениот пазар. Во последниве години со особен интензитет сме посветени на транспонирање на релевантното законодавство на ЕУ во областа на Царината во нашето национално законодавство, како и на дигитализација на царинското работење. Притоа, согласно Стратегијата за развој и Акцискиот план 2022-2024, Царинската управа ќе продолжи со подготовката за интерконекција и интероперабилност со системите на ЕУ и имплементација на системи усогласени со системите на ЕУ, со цел тие да се воспостават пред пристапувањето во ЕУ. Ова го истакна директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, во воведното обраќање на билатералниот состанок за подготвеноста на државата во областа на Царинска Унија.

Билатералниот состанок се одржува денес и утре во Брисел, при што претставниците на работната група во областа на Царинска Унија ќе ги презентираат постигнатите резултати од досегашните активности, како и идните политики и мерки што ќе се преземат во делот на Царината.

Кутиров на состанокот ја нагласи подготвеноста на институцијата во областа на Царинската Унија, како и посветеноста и јасната визија за идните планови на управата, со особен акцент на дигитализацијата.

„Царинската управа и Министерството за финансии се фокусирани на подготовката на новиот Царински закон и придружните подзаконски акти, како основа за оперативна примена на новите ИТ системи и процедури во царинското работење. Во текот на процесот на пристапување во ЕУ, во следниот период ќе продолжиме да ги следиме идните усогласувања на царинското законодавство на ЕУ, како и усогласувањата кои произлегуваат од новата реформа во Царинската унија на ЕУ“, рече Кутиров.