Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против 46-годишен скопјанец за кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и против едно 34-годишно лице за кое во текот на претходната постапка беа обезбедени докази дека со умисла му помагало на првиот обвинет да го стори семејното насилство.
На 29 мај, во својот дом на улицата Партение Зографски, обвинетиот тешко телесно ја повредил својата вонбрачна партнерка, така што без особен повод и причина, физички ја нападнал и почнал да ја удира со шлаканици во пределот на лицето и главата и со клоци во пределот на екстремитетите, во пределот на бедрата и кај градниот кош под градите.
Вториот обвинет во тоа време бил присутен во домот на обвинетиот, но не презел ништо да ја заштити жртвата, туку, напротив, му давал совети и упатства како да го изврши кривичното дело. Во домот била присутна и мајката на првообвинетиот, која се обидела да ја одбрани жената од физичкиот напад, но вториот обвинет ја запрел обраќајќи ѝ се со зборовите „остани настрана, сами нека си го решат проблемот, тоа е нивна лична работа“. Дополнително, второобвинетиот во моментите на физичкиот напад го бодрел сторителот со зборовите: „ако треба, заедно со мене, ќе ја издржиме казната“.
Од многубројните удари оштетената добила тешки телесни повреди набиеници, подливи и мултифрагментарна скршеница на носните коски.
За првообвинетиот, за кого претходно беше определена мерка притвор, јавниот обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да ја продолжи притворската мерка. Предлог за определување мерка притвор беше поднесен и за вториот обвинет, но судот не го прифати предлогот на обвинителот и не определи мерки, па по приемот на решението, надлежниот јавен обвинител ќе вложи жалба на ваквата судска одлука.