25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери со членови на делегацијата на Комисијата за европски прашања на Албанија: Во фокусот регионалната сорабтока

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со членовите на делегацијата на Комисијата за европски прашања на Република Албанија, во состав Јорида Табаку, претседателка, и членовите Етилда Ѓонај, Флутура Ачка, Орландо Ракипи, Крешник Чолаку и Лавдрим Краш. На средбата присуствуваше и Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието.

Џафери ги оцени билатералните односи како одлични, без отворени прашања и со интензивна соработка во области од заеднички интерес. Нагласи дека двете држави се наоѓаат во скрининг-фаза со Европската Унија и изрази надеж дека Република Северна Македонија, која за разлика од Албанија има дополнителни услови, ќе успее до крајот на годината да ги исполни, со цел да продолжат преговорите по кластерите. Во однос на регионалната соработка, се осврна на резултатите од последниот самит на Берлинскиот процес и постигнатиот напредок во слободното движење на граѓаните од шесте земји од регионот, а во однос на реализацијата на инфраструктурните проекти истакна дека од исклучително значење за двете земји е изградбата на патишта, енергетското и железничкото поврзување во рамките на Коридорот 8, со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги.

Претседателката на Комисијата за европски прашања на Албанија, Јорида Табаку, заблагодарувајќи се на срдечниот прием, ја поздрави како многу корисна иницијативата за средба меѓу членовите на сродните комисии. Изрази пофалби за претседавањето на Република Северна Македонија со најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ, а во однос на договорите потпишани во рамките на Берлинскиот процес изрази уверување дека нивната побрза имплементација ќе донесе конкретни бенефити за граѓаните во регионот. За процесот на евроинтеграции, изрази надеж дека пречките ќе бидат надминати и двете држави до крајот на годината ќе преминат во следната фаза на преговори. За соработката меѓу двете држави на полето на културата, образованието и медиумите изрази очекување таа да се интензивира, а за Коридорот 8 надеж дека ќе биде завршен многу бргу.

Двајцата соговорници се согласија дека добрите соседски односи го движат регионот напред, како и дека постои потенцијал пограничните општини од двете држави да настапуваат со заеднички проекти пред европските фондови.