25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери на средба со пратеници од Косово: „Власта и опозицијата во Приштина да се обединат за да се стави крај на тензиите“

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за европски интеграции на Собранието на Република Косово, предводена од претседателката на Комисијата, Резарта Красниќи.

Во состав на Делегацијата беа пратениците: Фјола Ујкани, заменик претседател на Комисијата и членовите Агон Батуша, Албан Бајрами, Шќипе Исуфи, Дритон Хусени, Елми Речица и Тиме Кадрија. На средбата присуствуваше и претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми.

Џафери нагласи дека оваа посета е потврда за плодната и успешна соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Собранието на Република Косово и оцени дека добрите билатерални односи меѓу двете држави се без отворени прашања и се карактеризираат со отворен дијалог и успешна соработка во бројни полиња од заемен интерес. Во врска со економската соработка, тој нагласи дека Република Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија, со значаен суфицит од наша страна, однос кој треба да се подобри во иднина. Тој се задржа и на проектите за инфраструктурното поврзување, како можност за натамошно приближување на граѓаните и го потенцираше значењето на поврзувањето преку Коридорот 8.

Претседателот на Собранието се осврна на нашето претседавање со ОБСЕ и на претстојното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Ја подвлече безрезервната поддршка на Северна Македонија за евро-атлантските аспирации на Република Косово и членството во меѓународните организации.

Претседателката на Комисијата за европски интеграции на Собранието на Република Косово, Резарта Красниќи, изрази благодарност за принципиелната поддршка од Северна Македонија, особено на планот на европските интеграции, нагласувајќи дека Косово веќе поднесе апликација за членство во ЕУ. Искуството на Северна Македонија, која е во понапредна фаза во овој процес, е од голема корист за евроинтегративниот пат на Косово, а денешната заедничка средба на комисиите за европски прашања и интеграции на законодавните домови на Северна Македонија, Албанија и Косово, во голема мера може да придонесе на тој план.

На средбата стана збор за актуелната состојба во северниот дел на Косово, при што свои мислења изнесоа пратениците од власта и од опозицијата во Собранието на Република Косово. Беше нагласена потребата за зачувување на добрите односи со стратешките партнери на Косово, како и уверувањето дека претстојните средби со специјалните пратеници на ЕУ и САД ќе придонесат за де-ескалација на состојбите.

Џафери истакна дека во земјава се следи со внимание состојбата во Косово и ја нагласи потребата да се задржи меѓусебната комуникација и дијалог, посочувајќи дека косовските институции треба да ја зачуваат контролата во интерес на граѓаните. Тој, исто така, повика на обединување по овие прашања меѓу претставниците на власта и на опозицијата на Косово, со цел да се стави крај на тензиите.

На крајот на средбата, соговорниците изразија надеж дека оваа посета ќе придонесе за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово.