27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Проектна акција: Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница

Рурална Коалиција го одржа завршниот настан во рамките на проектот “Со европско знаење до подобрена родова еднаквост во локалната заедница“ каде што беа презентирани резултатите од 15-месечната работа на процесите за унапредување на родовата еднаквост во локалната заедница во вкупно 6 пилот општини: Кичево, Пласница, Гостивар, Врапчиште, Прилеп и Кривогаштани.

Низ проектните активности имавме можност од блиску да се запознаеме со работата на Комисиите за еднакви можности, но и да утврдиме колку блиску или колку далеку се општините од ЕУ интеграциските процеси кога говориме за родовата еднаквост и нејзиното практикување во локалната заедница. Изработивме родова анализа на шесте општини вклучени во проектот, направивме родови карти, како и 6 мониторинг извештаи за работата на општините и Комисиите за еднакви можности од кои што може да се заклучи дека: општините се уште недоволно сериозно ја сфаќаат и работат на темата на родова еднаквост; буџетот е речиси 0 или пак сосема минимални средства за реализација на активности поврзани со практикувањето на родовата еднаквост и рамноправност во заедницата; жените ги нема во процесите на донесување на одлуки во месните заедници, ретко се јавуваат како раководителки на сектори или одделенија во општините, а во Советите на општините се застапени исклучиво исполнувајќи го законскиот минимум од 30%. Комисиите за еднакви можности не изработуваат програми за родова еднаквост, не одржуваат редовни седници, а координаторите за еднакви можности се лица кои што по систематизација се вработени на други работни места, па задолженијата во делот на родовата еднаквост им се дополнителни обврски.

За ЕУ интеграциските процеси и колку родовата еднаквост е важна како предуслов за напредокот на нашата земја на патот кон ЕУ познавањата се минимални и во општините речиси и воопшто не се сфаќа сериозно нужната потреба од работа на унапредувањето на родовата еднаквост на локално ниво. Она што е клучно да се преземе во периодот кој што ни следува е едукација и јакнење на свеста за практикувањето на родовата еднаквост и рамноправност како кај локалното население, така и кај членовите на Комисиите за еднакви можности и членовите на Советите на општините, редовна изработка на годишни програми за родова еднаквост со буџетски алокации, како и редовна изработка на годишните извештаи за унапредување на еднаквите можности на жените и мажите до Министерството за труд и социјална политика кои што во половина од општините сега не се исполнуваат иако се законска обврска согласно Законот за еднакви можности, како и создавање на институционална меморија за работењето на комисиите, но и воведување на родово-одговорното буџетирање како алатка за креирање на локалните политики. Зголемувањето на партиципацијата на жените во локалните процеси на донесување на одлуки, како и унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на работењето на Комисиите за еднакви можности се исто така дел од клучните препораки кои што ние успеавме да ги извлечеме од имплементацијата на проектот.