Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ после средбите со европратениците од Европскиот Парламент испрати преку видеообраќање испрати порака дека ЕУ има план за Северна Македонија и регионот и дека со заедничка акција на сите политички субјекти треба до 2030 да ја валоризираме шансата којашто ни е дадена.
Во продолжение интегралниот текст од изјавата на вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ:
„Почитувани граѓани,
Имаме многу поддржувачи и искрени пријатели во европските институции, меѓу кои и во Европскиот парламент. После средбите со европратениците од различни парламентарни групи ја пренесувам пораката дека јасна е визијата за проширување на ЕУ, и дека европратениците и понатаму ќе бидат гласни за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија и регионот во ЕУ.
Поддршката и повикот за европеизација на регионот од европските институции е сè посилен. Тоа го докажува и новиот план за забрзано приближување на Западен Балкан кон нашите европски партнери, претставен денес од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Имаме видлива европска перспектива, на нас е сега со одговорни одлуки да ја достигнеме. Од нас се очекува напредок кон ЕУ со реформи, дијалог и консензус кога станува збор за европската иднина на македонските граѓани.
Да го искористиме моментумот и да направиме чекори кои ќе дадат позитивни резултати и напредок. Ова долго го очекуваме и им го должиме на младите и идните генерации.
Треба да ја разбереме итноста и неодложната задача која ја имаме пред нас да ја завршиме успешно. Неопходен е дијалогот помеѓу политичките партии кои делат европски вредности, за кои нема компромиси, или сме за ЕУ или не. Ова е ситуација во која ќе покажеме дека навистина сакаме Северна Македонија да биде во друштво и на маса со демократско развиените земји.
ЕУ покажа дека има план и одговорност за нас. Имаме и ние план кој со заедничка акција на сите политички субјекти треба да го реализираме и до 2030 да ја валоризираме шансата којашто ни е дадена“.
Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, Маричиќ оствари средби со европратениците од групата на Прогресивна алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот Парламент, Тонино Пицула, Матјаж Немец и Андреас Шидер, со европратеничка од група на Зелените, Тинеке Стрике, австрискиот европратеник Кристијан Сагарц, известител во сенка на Европската народна партија за Република Северна Македонија во Европскиот парламент и Ираче Гарсија Перес, европратеничката и лидерка на Прогресивната алијанса на социјалдемократи во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез.