25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ѓоргиевска: Солидарноста и заедничката надеж што ја споделуваме на Светскиот ден на мултипла склероза нека трае сите 365 дена во годината

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на одбележувањето на 30 Мај – Светскиот ден на мултипла склероза што се одржа во организација на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.

Во своето обраќање, г-а Ѓоргиевска истакна дека оваа болест е тешка и непредвидлива и бара постојана борба и терапии при што суштествена е психолошката поддршка на болните, но и на нивните семејства.

„ Затоа би сакала да ја искористам оваа можност, и на сите заболени од мултиплa склероза, но и на нивните блиски, како и на моите колеги лекари кои учествуваат во дијагностицирањето и лечењето, да им честитам на храброста и упорноста. Вие сте пример за сите нас, пример за целото општество. Оттука севкупната заедница, сите ние заедно мора да направиме се за да ја подобриме вашата состојба. Тука сме да ве поддржиме, да ви олесниме, да ви помогнеме. Да ви подадеме рака во вашата секојдневна исцрпувачка борба со лошата болест. Солидарноста и заедничката надеж што ја споделуваме на Светскиот ден на мултипла склероза нека трае сите 365 дена во годината“, порача сопругата на претседателот.

Според г-ѓа Ѓоргиевска денешниот настан организиран од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза е можност за споделување на искуства, информации и практики.

„Членовите на здружението, со оглед дека и самите се лица со мултипла склероза знаат со какви искушенија се соочува секој што живее со оваа болест. Уште еднаш јавно ви изразувам благодарност и ви посакувам и понатаму ревносно, посветено и полни со оптимизам да ги реализирате вашите програми и проекти. Верувам дека нема да останете сами во активностите за подобрување на секојдневието на лицата кои боледуваат од мултипла склероза и дека ја имате поддршката од целата заедница“, истакна г-а Ѓоргиевска.

На настанот воведно обраќање имаше Ана Карајанова Димитрушева, претседател на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, а се обратија и министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин и директорот на ЈЗУ Универзитетска Клиника за неврологија, Висар Мифтари.

Со овој настан, Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза се приклучува во глобалното одбележување на Светскиот ден посветен на мултипла склероза којшто и годинава се одбележува под мотото „МС поврзувања“, со цел подигање на свеста и обезбедување навремена и точна дијагноза, подобра терапија и подобар квалитет на живот за пациентите со мултипла склероза.