Годинава три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на отворањето на регионалната конференција: „Успешни заедно! Регионални увиди и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“, организирана во рамките на проектот на германското друштво за интернационална соработка „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Западен Балкан“.
Министерката рече дека лани во земјата идентификувани се 9 жртви, од кои 8 женски и 1 машко лице. Најголем број од лицата се на возраст од 14- до 17-годишна возраст.
„Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободата и безбедноста на секое општество. Нашата држава, како и земјите во регионот, често игра улога во секоја од фазите на трговија со луѓе – како земја на потекло, транзит или дестинација. Би сакала да ги изразам искрените поздрави до земјите од регионот – да ја истакнам потребата од заедничка обединета акција против трговијата со луѓе, која е транснационален организиран криминал“, рече Тренчевска.
Таа истакна дека Министерството за труд и социјална политика преку секторот за еднакви можности има улога на координатор на Националниот механизам за упатување жртви на трговија со луѓе (НМУ), кој претставува рамка за соработка и координиран пристап помеѓу социјалните служби, полицијата, трудовите инспектори и невладиниот сектор. Министерката исто така ги објасни и чекорите што Министерството ги презема со цел справување со овој предизвик.
„Воспоставивме 5 мобилни тима во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и во Тетово за идентификација ранливи категории граѓани, вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови има претставници на центрите за социјална работа, претставници на Министерството за внатрешни работи, националната единица за борба против трговија со луѓе и здруженија на граѓани. Овие тимови во текот на својата работа постигнаа извонредни резултати и се познати како добар пример не само во нашата држава туку и во регионот“, истакна министерката.
Тренчевска се заблагодари за поддршката на меѓународните организации, граѓанскиот сектор и на сите вклучени актери за нивниот активен придонес во борбата против трговијата со луѓе.