Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Братислава оствари средба со специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Ковачевски во Братислава учествува на глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“.
На средбата тој ја потенцира заложбата на Владата, Северна Македонија како и досега да придонесува за унапредување на регионот, како и за неговата мир и стабилност. Премиерот потенцира дека нашата држава има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и преку дијалог и соработка меѓу државите се етаблира како држава фактор на стабилност во регионот.
Ковачевски ја истакна максималната посветеност на Владата на реформскиот процес во земјата, како и на процесот на пристапни преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ. Двајцата соговорници истакнаа дека во државата е потребен политички дијалог и сите општествени, политички, невладини, граѓански фактори во државата потребно е да постигнат консензус за не се кочи процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.
На средбата од страна на Ковачевски беше нагласено дека брзото членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ би спречило чувствителните точки во регионот да ја нарушат безбедноста и стабилноста, а со тоа и да го закочат економскиот развој на регионот.
Ковачевски и Лајчак повикаа на итна деескалација на состојбата во Косово и враќање на мирот и стабилноста. Премиерот Ковачевски повтори дека Северна Македонија го поддржува продолжувањето на соработката и координацијата со НАТО и ЕУ во регионот во насока на консолидирање на стабилноста и забрзување на евро-атлантската интеграција на Западен Балкан.