Во одговор на новинарско прашање, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски оцени дека тврдењата на Христијан Мицкоски за наводно редефинирање на државата, се уште едни од низата неболузи што опозицијата постојано ги пласира.
„Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата. Се работи за шпекулација и за зборување на нешто од немај каде затоа што кога ќе ја изгубите реториката, кога сите факти ќе ве побијат во тоа што сте го кажувале тогаш не ви останува ништо друго освен да кажувате нови и нови небулози кои само ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро“ посочи Ковачевски.
Претседателот Ковачевски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ и во минатото пласирала лаги што до ден денес се целосно демаскирани.
„Вие се сеќавате дека истата таа опозиција зборуваше за тоа дека во државата ќе имало не знам колку милиони мигранти, потоа дека државата ќе се кантонизирала. Избори добија на прашањето на кантонизацијата во 2006 година, се сеќаваат повозрасните за тоа, во тоа време тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ одеше по Македонија и раскажуваше како државата ќе се кантонизирала заради територијалната поделба. И ја освои власта и територијалната поделба си остана а тој си отиде во Будимпешта. Потоа кажуваа дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станале бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик. Ништо од тоа не се случи и во низата на лаги, ова е сега најновата. Работната група за подготвување на уставните измени е задолжена од страна на Владата да подготви уставни измени согласно преговарачката рамка. Владата ќе биде подносител а тоа се однесува на промена на преамбулата и внесување на други делови од народи во преамбулата во која веќе има други делови од народи, тоа е обврска која е императив и основна работа на работната група а подоцна има собраниските тела“ порача Ковачевски во одговор на новинарско прашање.