Условите во кои опстојуваат факултетите што се во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се под европското ниво. Недостојно и за наставниот кадар и за студентите, од кои се очекува дека ќе бидат снагата која на своите плеќи ќе го понесе развојот на државата. Притоа, поразителни се и меѓународните рангирања, кои го нотираат континуираниот пад на УКИМ, кој веќе заостанува и зад универзитетите на балканскиот простор.
„Многу е лошо да слушате дека УКИМ од ден на ден паѓа на рангирањата. Земјите аспиранти за членки од Европската унија добија обврска да донесат стратегија за паметна специјализација. Да се најдат главните домени на науката, истражувањето, линкот со приватниот бизнис, односно со индустријата. Што значи, да се направи вмрежување. Кое понатаму ќе го овозможи исчекорот не само во науката и истражувањето, туку и оној кој мора да го направиме во општествено-економскиот развој“, вели професорот од Машинскиот факултет, д-р Атанас Кочов, кој деновиве води аргументирана битка за освојување на ректорско столче на најголемиот македонски државен универзитет.
„Ако сакаме сето тоа да го постигнеме, треба да се реорганизираме внатре во рамките на Универзитетот. Ако сакаме да постигнеме успех, мора да потпишеме стратешки договор и партнерство со Европскиот истражувачки центар. Па, како Универзитет да бидеме имплементатор на процесот на имплементација на стратегијата за паметна специјализација и да овозможиме пристап до структурните. фондови. Сегашната ситуација е понижувачка, декани и директори на единиците на УКИМ потребно е да бараат одобрувања и прераспределба на финансиски средства од буџетски ставки кај службеници во Министерството, за да можат факултетите или универзитетите да ги користат за потребите на наставниот процес и решавање на инфраструктурни проблеми. Уште полошо, ако не побарате, тие пари нема ни да ги добиете“, вели професорот Кочовпосочувајќи ги аномалиите во начинот на финансирање на високото образование.
Сепак, тврди тој, нема препрека која вработените, предводени од ректорот, не можат да ја совладаат, без оглед на големината и тежината на проблемите.
„Затоа, сите ние – 1.500 вработени и 25-26 илјади студенти, мора да го дигнеме својот глас, да побараме УКИМ да биде решен со Законот за високото образование. Еднаш засекогаш! Погледнете ги Музичката академија, Ликовната академија, Факултетот за драмски уметности! Видете во какви услови творат, а тие се сржта на нашата култура. Тие се културната ризница на Македонија. Нешто што е бесценето. Исто така и природните науки. Биологија, молекуларна биологија, физика, немаат лаборатории, немаат доволно материјали за истражување, немаат доволно материјали за реализирање на наставниот процес. На техничките факултети можеби е подобра состојбата, затоа што има соработка со стопанството и имаат одредени приходи на сопствените сметки, па и нешто може да се работи. Исто така, УКИМ не смее да дозволи ФИНКИ да нема свои простории, да нема сопствена зграда, а има четири илјади студенти. Од друга страна, Катедрата на македонски јазик нема студенти, не можеме мајчиниот јазик да го негуваме низ формата на високото образование. Згора, не можеме да обезбедиме средства за лекторатите за македонски јазик. Тоа не смееме да си го дозволиме“, велипрофесорот Кочов.
Тој излезот го гледа во лидерството и во посветена лична и тимска работа.
„Од таа причина велам, ова не може да го направи само еден човек. Мора да има тимови составени од луѓе со чиста совест. И, ќе повторам уште еднаш, не се кандидирам за да бидам менаџер, туку за да бидам лидер. Се откажувам од сите оние приходи кои му следуваат на ректорот. Останувам на мојата плата од Машинскиот факултет. На УКИМ му се потребни драстични промени сега и веднаш, од аспект на внатрешното работење и од аспект на инфраструктурата“, дециден е тој.
Свесен дека ректорскиот ангажман во вакви услови бара огромни напори и жртви, професорот Кочов вели: „Знам дека тоа претставува големо оптоварување, кое ќе го почувствува и моето семејство. Откако ја добив нивната поддршка решив да влезам во таа борба која ќе ја водиме заедно со сите вработени на УКИМ. Затоа што сите сакаат да видат напредок и европско образование во Македонија“.