26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Пазарна со полни раце работа: Казни за 110 фирми кои ги прекршиле мерките за замрзнати цени

Во период од 15 до 21 мај 2023 година на територија на Република Северна Македонија, Државниот пазарен инспекторат изврши над 600 надзори. За време на надзорите се констатирани неправилности, за што се издадени над 110 прекршочни платни налози во вредност од над 2.660.000 денари, и тоа по Закон за трговија, Закон за финансиска дисциплина, Закон за заштита од пушење, Закон за угостителска дејност, Закон за туристичка дејност, Закон за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, Закон за заштита на потрошувачи и Закон за енергетика.

Покрај овие надзори, Државниот пазарен инспекторат постапува и по Одлуките донесени од страна на Владата кои се однесуваат на замрзнување на цените, одредување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на увозниците и на трговците да доставуваат стоки по претходно утврден редослед. По овие Одлуки во горенаведениот период, извршени се над 170 надзори, а издадени се 53 прекршочни платни налози во вредност од над 1,150,000 денари.

Сите економски субјекти, имаат можност да си ги платат прекшочните платни налози, или да си го остварат своето право доколку имаат забелешка во судска постапка. Инспекторите кои што констатирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските рочишта, и ќе ги застапуваат и бранат законите по кои што ги констатирале прекршоците.
Државниот пазарен инспекторат е и понатаму на терен, постапува во согласност со своите надлежности, врши редовни и вонредни надзори и контроли.

Како институција постапуваме во согласност со законите, а кај оние економски оператори доколку е констатирано прекршување и непочитување на било кој закон за кој како пазарен инспекторат сме надлжени, се санкционира без селективност. Целта не е само да ги казнуваме вршителите на трговска дејност, туку на тој начин да се изврши едукација, преку која нема повторно да ја направат грешката.

Дополнително, во секое време им стоиме на располагање на граѓаните. Доколку имаат некое прашање во врска со нашето работење, можат да ни се обратат, а ние соодветно ќе одговориме. Ги охрабруваме граѓаните, доколку забележат одредена неправилност или сомнеж за измама, а се однесува на нив како потрошувачи, веднаш да пријават кај нас во инспекторатот. Пријавите можат да се поднесуваат по електронски пат, на нашата веб страна https://www.dpi.gov.mk/index.php/mk/odnosi-so-javnost/prijava-od-gragjani/view/form или преку телефон на 02/3162 341.