ОБСЕ во соработката со Босна и Херцеговина нуди многу добри практики, а тие може и да се зголемуваат за да придонесат за подобрување на јавните политики и процеси. Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во својство на претседавач со ОБСЕ е во дводневна посета на Босна и Херцеговина.
На прес-конференцијата со Елмедин Конаковиќ, министерот за надворешни работи на БиХ, Османи, рече дека Северна Македонија и БиХ имаат одлична соработка на билатерално ниво, но и во рамките на ОБСЕ, што е видливо преку поддршката на приоритетите што земјата ги постави во рамките на претседавањето со ОБСЕ, а пред сè во насока на борба против корупцијата.
„Борбата против корупцијата е меѓу главните белези на претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија, и тоа во целиот регион на Југоисточна Европа. Наша цел е да добиеме широка политичка поддршка од земјите во регионот за да ги зајакнеме нивните напори за развивање и спроведување посилни политики и ефективни резултати“, рече Османи на прес-конференцијата со Конаковиќ. Тој додаде и дека ОБСЕ ќе продолжи да ги поддржува властите и за ефективно спроведување на постојните антикорупциски закони, а во овие напори сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Не само во БиХ, туку и во целиот регион, ОБСЕ ќе продолжи со развивање на клучните антикорупциски регулативи, од што придобивки ќе имаат институциите, но најважно граѓаните како крајни корисници на нивните услуги“, рече Османи.
Зборувајќи за предизвиците со кои се соочува ОБСЕ, меѓу кои како најголем воената агресија во Украина, Османи повика на уште поблиска соработка и зголемување на напорите за координиран регионален одговор.
„Ова важи и за нашиот регион, регионот на Југоисточна Европа. Тргнавме по патот на реформите и развојот и за нас е клучно да го оставиме минатото зад нас и да гледаме напред заедно и обединети кон иднината. За таа цел, важно е Босна и Херцеговина преку ефективен внатрешен дијалог да ги премости разликите и да зборува со еден глас“, рече Османи. Тој понуди и директна помош од Северна Македонија како земја со лично искуство во процесите на надминување на разликите и негување на култура на дијалог.
ОБСЕ ќе продолжи поддршката за БиХ да ја насочува и на полето на градење доверба, како и во креирањето на другите јавни политики и процеси.
„ОБСЕ ќе продолжи да ги промовира напорите за градење доверба, како во Мајевица, што претставува успешна приказна за меѓуентитетска соработка на пет градоначалници. Тие го оставија настрана наследството од војната и сега градат мостови и спроведуваат проекти за зајакнување на економскиот развој за доброто на сите нивни граѓани“, изјави Османи.