26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Цените на становите се очекува да одат надолу, забележан е значителен пад на цените на градежните материјали

Ќе одат надолу цените на квадратен метар станбена површина во главниот град и внатрешноста на Македонија велат познавачите.

Цените кои беа напумпани на становите во Скопје и внатрешноста се очекува да паднат, пред се поради намалената побарувачка, но и поевтинувањето на градежните материјали.

Со најава дека цените на становите во Македонија ќе паднат неодамна излезе и Зоран Ѓоргијев, директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор:

„Според она како се движат цените сега, има извесно намалување на градежните материјали. Ние како државна фирма сме регулатор на цената. Затоа сега набргу ќе се почне со градба кај старата воена пекарница, па така ќе можеме на ова лудило во државата и во целиот регион за цената на квадратен метар да бидеме некаков регулатор. Мислам дека цените ќе одат во некој благ пад надолу“, рече директорот Ѓоргијев по неодамнешниот увид во градежните работи за изградба на зградата за 312 социјално загрозени семејства во Бутел.

Цената на становите во Скопје последниве две години скокна и до 2.000 евра за квадратен метар, со што и една минијатурна гарсоњера стана луксуз за граѓаните да обезбедат каков-таков покрив над глава.

Низ разговор некои граѓани кои сакаа да купуваат стан, таа идеја ја ставија во мирување, се до нормализација на цените на станбениот простор.