24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шаќири: Да работиме заедно на промовирање ненасилство, рано предупредување и безбедни училишта

Сите заедно треба да промовираме позитивни вредности, оние кои ќе изградат младите во добри личности, за кои насилството никогаш нема да биде опција. Да делуваме превентивно, за да не биде предоцна. Да зборуваме отворено со младите, да го слушаме нивниот глас, нивните идеи и пријатни и непријатни искуства. Да работиме на унапредување на воспитната компонента на образовниот процес и да им помогнеме на наставниците и стручните кадри во училиштата во заложбите за надградба на нивните капацитети за препознавање и спречување на насилство.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната работилница со учениците и наставниците во ОУ „Вера Циривири – Трена“ на тема “Безбедноста во училиштата-градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“, а во рамки на научно-истражувачки проект на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј„-Скопје чија цел е подобрувањето на севкупната и личната безбедност на учениците во образовно – воспитните установи, како и намалување на сите облици и типови на насилство помеѓу учениците.

Ја поздравувам идејата за спроведување на овој проект чија цел е складна со заложбите на Владата за градење на мирна училишна средина. Иако делуваме институционално, сепак секој проект на академската заедница или на граѓанскиот сектор, од ваков тип, со истражувачко – аналитичка компонента, советодавна и превентивна улога е од голема важност за подобрување на ефикасноста и ефективноста на севкупните напорите“, рече Шаќири, додавајќи дека во иднина треба да се даде поддршка на што повеќе вакви проекти кои ќе помогнат за постигнување на целта – создавање на млади генерации кои ќе знаат да почитуваат, да толерираат и да бидат љубезни.

Министерот информираше дека на иницијатива на МОН во фаза на изработка е правилник наменет за училиштата за превенирање и за постапување во случај на насилство, како и дека се размислува за ограничување на употребата на социјалните мрежи во училишната средина, бидејќи како што рече, најчесто насилството се поттикнува преку трендови и објави на истите.

„Отворивме единствена електронска адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk каде може да се поднесе пријава и по секоја ќе постапуваме веднаш. Во меѓувреме, дополнително ќе ги зајакнеме превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите“ додаде министерот.